30 Јануари 2023•Ажурирај: 02 Февруари 2023
РОТЕРДАМ (АА) - Холандскиот производител на домашна електроника и медицинска опрема „Филипс“ најави укинување на 6.000 работни места низ светот до 2025 година, откако компанијата откри дека во 2022 година остварила нето загуба од 1,6 милијарди евра, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Новото кратење на работната сила, оценето како „тешко, но потребно“, се додава на укинувањето на 4.000 работни места што „Филипс“ го најави во октомври.
Компанијата со седиште во Амстердам се соочува со повлекување на милиони респиратори кои се користени за отстранување на потешкотиите на лицата при дишењето за време на спиењето. Дополнителни потешкотии предизвика ситуацијата во Украина и ширењето на коронавирусот во Кина.
„Минатата година беше многу тешка за Филипс и за нашите акции, затоа преземаме цврсти чекори за подобрување на работата и итно забрзување на перформансите“, рече извршниот директор на компанијата Рој Џејкобс.
Тој истакна дека укинувањето на работните места значително ќе ги намали трошоците и ќе го направи „Филипс“ пофокусирана организација.
Компанијата најави дека половина од најавените укинувања ќе бидат годинава, а другата половина ќе се реализира до 2025 година.