Sibel Morrow
20 Септември 2022•Ажурирај: 21 Септември 2022
АНКАРА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) најавија продажба на десет милиони барели сурова нафта од своите Стратешки нафтени резерви (SPR) за да помогнат во намалувањето на трошоците за енергија за американските семејства, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерството за енергетика на САД соопшти дека продажбата е дел од ветувањето на американскиот претседател Џо Бајден да ослободи вкупно 180 милиони барели од СПР за да го поддржи пазарот во услови на прекини во снабдувањето предизвикани од војната меѓу Русија и Украина.
Овој потег следуваше откако Бајден во неколку наврати бараше од производителите на ОПЕК + да го зголемат заедничкото производство на групата за да обезбедат дополнително пазарно снабдување со пониски цени на сурова нафта.
Меѓутоа, групата не постапила во согласност со неговите барања, па се активирани резервите во САД, Кина, Индија, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија.
Испораките на новата транша сурова нафта од СПР ќе бидат извршени во ноември.
Министерството соопшти дека со продажбата на последната серија ќе бидат продадени околу 165 милиони барели нафта од вкупно 180 милиони барели. Продажбата ќе се изврши најдоцна до 7 октомври.
САД имаат најголеми стратешки нафтени резерви во светот со повеќе од 600 милиони барели складирани во огромни подземни солени пештери на четири локации лоцирани на брегот на Мексиканскиот Залив.
Повикувајќи се на неодамнешна анализа на американското Министерство за финансии, американското Министерство за енергетика соопшти дека овогодинешните стратешки нафтени резерви, заедно со координираните изданија од другите земји потрошувачи, ги намалиле цените на бензинот за околу 40 американски центи по галон.