Во кафулето отворено од Музејот на дијалог во Истанбул нарачките на кафе се прават на знаковен јазик
- Во кафулето, каде што работат баристи со оштетен слух, клиентите ги гледаат видеата што ги покажуваат знаците на знаковниот јазик за кафето од менито и така нарачуваат
Emirhan Küzküncük, Halis Akyıldız
21 Август 2026•Ажурирано: 21 Август 2026
photo: Fatma Nur Arslan / AA
ИСТАНБУЛ
Клиентите што доаѓаат во „Дијалог кафе“, отворено во рамките на Музејот на дијалог во Истанбул, каде што работат исклучиво баристи со оштетен слух, се обидуваат да ги нарачаат своите пијалаци гледајќи видео што го покажува знакот на знаковниот јазик за кафето од менито, јавува Анадолу.
Клиентите што доаѓаат во кафулето, отворено во 2016 година на метро-станицата Гајретепе, каде што работат баристи со оштетен слух, со помош на вработените ја надминуваат загриженоста во однос на комуникацијата.
Комуникацијата што започнува со неколку едноставни знаци со насоки од баристите придонесува клиентите да стекнат поголема свест за знаковниот јазик.
Клиентите ги гледаат видеата што ги покажуваат знаците на знаковниот јазик за кафето од менито и така нарачуваат.
Фотографија : Fatma Nur Arslan/AA
Директорката на Музејот на дијалог во Истанбул, Нилај Гонџагул, за Анадолу изјави дека во „Дијалог кафе“, кое е отворено во рамките на музејот, во моментов работат само баристи со оштетен слух.
Гонџагул посочи дека во првиот период во кафулето работеле и вработени што немале проблем со слухот, но дека со текот на времето се зголемил интересот на лицата со оштетен слух за кафулето, додавајќи дека по нивниот интерес за учење како се прави кафе биле откриени нивните способности во оваа област.
- „Сите работи ги вршат сами и го водат процесот“ -
Гонџагул истакна дека идејата за ваков вид кафуле се појавила откако биле откриени природниот талент и љубопитноста на глувите лица за подготовка на кафе.
„Најпрво започнавме со неколку баристи. Сега имаме шестмина глуви баристи. Сите работи ги вршат сами и го водат процесот“, рече таа.
Наведувајќи дека овие лица со текот на времето ја научиле професијата, Гонџагул истакна дека во период од 10 години обучиле многу луѓе за баристи.
Гонџагул посочи дека во кафулето користат мени составено од видеа, илустрации и визуелни материјали за да може клиентите да нарачуваат на знаковен јазик, додавајќи дека посетителите може да го погледнат знакот за посакуваното кафе од менито и да ја направат нарачката.
- „Само се обидувате да комуницирате“ -
Гонџагул рече дека понекогаш клиентите може направат грешка или да се воздржуваат при нарачувањето, додавајќи дека баристите им помагаат на посетителите и им овозможуваат без проблем да ги направат своите нарачки.
Таа нагласи дека клиентите го сметаат процесот за многу интересен, а кај некои може да постојат предрасуди во стилот „нема да се разбереме, не може да го направиме тоа“.
Посочувајќи дека за да се нарача кафе не е потребно напредно познавање на знаковниот јазик, Гонџагул вели: „Само се обидувате да комуницирате, всушност ги надминувате предрасудата и бариерата. Затоа тие доживуваат многу поинакво искуство. Создаваме свест и за глувоста и за знаковниот јазик.“
Гонџагул истакна дека смета оти вработувањето баристи со оштетен слух во кафулето придонесува за видливоста на глувите лица во општеството.
„Затоа лицата што не слушаат може да се дружат само со оние што не слушаат. Тоа малку ги претвора во затворена група. Поради тоа, знаењето на луѓето за светот на глувите останува поограничено. Кафулето е на повидливо место. Ова е многу соодветно место за луѓето да ги надминат своите предрасуди. Бидејќи, иако свет во кој сите добро го знаеме и го зборуваме знаковниот јазик можеби не е целосно возможен, да немаме размислување дека не може да се разбереме со лице со оштетен слух и да го надминеме тоа“, изјави таа.
Гонџагул истакна дека особено има клиенти што доаѓаат во кафулето за да нарачуваат и практикуваат на знаковен јазик, додавајќи дека и покрај тоа што во околината има многу кафулиња, има луѓе што намерно го избираат ова место.
„Бидејќи сме во Гајретепе, околу нас има многу работни места. Луѓето секое утро го земаат своето кафе одовде и одат на работа“, вели Гонџагул.
- „Ова е социјална лабораторија. Во Турција нема ништо слично“ -
Нагласувајќи дека посетителите стекнуваат свест по искуствата во 'Дијалог кафе', Гонџагул рече: „Најголема пречка се предрасудите. А патот до учењето минува преку средбата. Затоа ова место е социјална лабораторија. Во Турција нема ништо слично.“
Триесет и тригодишниот бариста Емре Бејјусуфоглу, кој има оштетен слух, рече дека веќе 10 години работи во музејот.
Бејјусуфоглу истакна дека бил прв бариста со оштетен слух во кафулето и дека веќе шест години работи тука.
Нагласувајќи дека се радува кога клиентите нарачуваат на знаковен јазик, Бејјусуфоглу го истакна значењето на овој јазик.