Muhammet Kursun
08 Март 2020•Ажурирај: 09 Март 2020
ТЕХEРАН (АА) - Бројот на починати од коронавирусот во Иран порасна на 194, соопшти денес иранското Министерство за здравство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот Кијануш Џаханпур на прес-конференцијата во главниот град Техеран изјави дека во изминатите 24 часа починале 49 луѓе, а дека регистрирани се 743 нови случаи на вирусот, со што вкупниот број на потврдени случаи во земјата се зголеми на 6.566.
Најмалку 22.177 лица во моментот се наоѓаат под медицински третман, додека бројот на отпуштени пациенти изнесува 55.404.
Турција, каде што досега нема потврдени случаи на коронавирус, минатиот месец ги затвори своите граници и го прекина воздушниот сообраќај кон Иран.
Покрај Италија и Јужна Кореја, Иран е најпогодената земја од коронавирусот, од неговата појава во декември во Кина.
Како дел од мерките за спречување на неговото ширење, Техеран ги затвори сите училишта и установи за високо образование, ги откажа сите спортски настани и им забрани на владините претставници да ја напуштаат земјата.
Првин откриен во Вухан, Кина, во декември, вирусот официјално познат како Ковид-19 се рашири во над 80 земји.
Според Светската здравствена организација (СЗО), во светот досега починаа околу 3.500 луѓе, а 100.000 лица се заразени со вирусот.