Zehra Ulucak
11 Мај 2020•Ажурирај: 11 Мај 2020
АНКАРА (АА) – Во Јужна Кореја евидентиран е највисокиот дневен пораст на нови случаи на коронавирусот, Ковид-19, каков што не е евидентиран од 9 април, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста на информативната агенција „Јонхап“, во последните 24 часа во земјата регистрирани се 35 нови случаи на Ковид-19, со што вкупната бројка се зголеми на 10.909.
Ова е најголемиот раст на случаите со Ковид-19 во земјата, какво што не е забележано од 9 април.
Во Јужна Кореја досега од Ковид-19 починаа вкупно 256 лица, а се излекуваа 9.632 лица.
Здравствените власти објавија дека бројот на случаи со Ковид-19 поврзани со 29-годишното лице се зголемил на 79. Лицето, кое било позитивно на коронавирусот, минатата недела посетило ноќни клубови и барови во областа Итавон, во главниот град Сеул.
Официјални лица ги повикаа лицата што ги посетиле ноќните клубови во Итавон помеѓу 24 април и 6 мај, да избегнуваат контакт со други луѓе, дури и ако не покажат никакви симптоми, и да направат тест за Ковид-19 во најблискиот центар.
Заменик-министерот за здравство на Јужна Кореја рече дека се бараат лицата што биле во контакт со 29-годишното лице позитивно на Ковид-19 и дека во наредните денови може да се зголеми бројот на заразените лица.
Беше наведено дека на 1 мај околу 1500 луѓе ги посетиле ноќните клубови во кои било и заразеното лице.
Претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае Ин, во вчерашната изјава за медиумите, истакнувајќи дека нема место за паника по растот на бројот на случаите, рече: „Нема простор за страв. Нашиот систем за превенција и карантин може целосно да го контролира и да управува со ширењето на вирусот.“