Bayram Altuğ
07 Јануари 2022•Ажурирај: 10 Јануари 2022
ЖЕНЕВА
Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека варијантата Омикрон на Ковид-19 нема да биде последна и дека вирусот продолжува да еволуира, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на првата прес-конференција годинава одржана заедно со глобалните здравствени експерти во седиштето на организацијата во Женева нагласи дека минатата недела е забележан најголем број случаи на Ковид-19 од почетокот на епидемијата.
Наведувајќи дека варијантата Омикрон има поблаг тек во споредба со Делта, особено кај вакцинираните луѓе, Гебрејесус додаде дека и покрај тоа нема да биде класифицирана како „блага“ варијанта.
„Исто како и претходните варијанти, Омикрон хоспитализира и убива луѓе. Омикрон создава ефект на цунами, се шири многу брзо и врши голем притисок врз здравствените системи низ светот“, рече Гебрејесус.
Наведувајќи дека болниците се преполни поради Омикрон, Гебрејесус посочи дека смртните случаи од другите болести и повреди „кои можеле да се спречат“, не се спречени поради недостиг на персонал и пренатрупаност на болниците.
Гебрејесус го повтори повикот за глобална еднаквост во дистрибуцијата и пристапот до вакцините, истакнувајќи дека 109 земји не ја исполниле целта на СЗО во потполност да се вакцинира 70 отсто од светската популација до половината на 2021 година.
- Повик „Вакцинирајте се“
Марија ван Керхове, лидерката на тимот за борба против Ковид-19 на СЗО, исто така, одговорајќи на прашањата во врска со Омикрон, подвлече дека сите сегашни вакцини се ефикасни против оваа варијанта.
Таа нагласи дека варијантата Омикрон не станала „тешка“, благодарение на вакцинирањето, и уште еднаш упати повик до сите да се вакцинираат.
Предупредувајќи дека Омикрон нема да биде последната варијанта на Ковид-19, Керхове додаде: „За жал, Омикрон нема да биде последната варијанта, вирусот продолжува да еволуира.“