Ömer Faruk Cebeci
07 Јануари 2022•Ажурирај: 09 Јануари 2022
САКАРЈА
Постарите и невакцинираните лица сè уште се изложени на ризик, доколку се заразат со варијантата на коронавирусот Омикрон, предупреди турски лекар, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Според нашите првични согледувања, оние кои се заразени со Омикрон имаат тенденција да пројават поблаги симптоми, но сепак, постарата популација и невакцинираните луѓе сè уште се изложени на ризик“, рече Огуз Карабај, декан на Медицинскиот факултет на Универзитетот „Сакарја“.
Карабај изјави дека варијантата Омикрон се шири побрзо и дека ќе го зголеми бројот на пациенти во иднина.
„И покрај вакцината, може да предизвика болест. Но моменталните вакцини продолжуваат да бидат ефективни против сериозни заболувања и смрт“, изјави тој.
Нагласувајќи дека варијантата Омикрон се очекува наскоро да стане доминантна варијанта, тој изјави дека не се очекува да предизвика повеќе смртни случаи.
Тој ги посоветува луѓето да продолжат да одржуваат физичка дистанца, редовно да ги мијат нивните раце, да носат маска и да се вакцинираат.
Нагласувајќи ја важноста на примањето вакцина, тој ја пофали турската домашна вакцина против Ковид-19, „Турковак“. Тој изјави дека „Турковак“ нема сериозни несакани ефекти и ѝ помага на Турција да го намали увозот на вакцини.
„Турковак“ беше одобрена за итна употреба низ Турција кон крајот на декември 2021 година. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вети дека ќе ја направи вакцината достапна на глобално ниво, велејќи дека таа ќе биде од корист за целото човештво.
Турција администрира повеќе од 132,15 милиони дози на вакцина против Ковид-19.
Според податоците на Универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД, од декември 2019 година, пандемијата на коронавирусот одзеде над 5,47 милиони животи во најмалку 192 земји и региони, а повеќе од 300 милиони случаи на заразување се пријавени низ светот.