Buğrahan Ayhan
01 Јануари 2024•Ажурирај: 05 Јануари 2024
АНКАРА (АА) – Денеска започна гласањето за фотографии на годината на Агенција Анадолу забележани во текот на 2023 година.
Од денеска може да се гласа за вкупно 147 од најимпресивните фотографии на фоторепортерите и репортерите на АА кои овековечија различни теми - војната, политиката, спортот и животот, а кои често се појавуваа на насловните страници на светските медиуми.
Покрај категориите „Вести“, „Спорт“ и „Животна средина и живот“, годинава се додадени и две посебни категории „Газа: Докази“ и „Земјотрес: Надеж“.
Категоријата „Земјотрес: Надеж“ содржи 22 фотографии со фокус на приказните за надежта за време на земјотресот на 6 февруари со епицентар во Кахраманмараш, кој погоди 11 турски области и беше опишан како „катастрофа на векот“.
Во категоријата насловена „Газа: Докази“ може да се гласа за 25 фотографии кои се забележани како доказ за нападите на израелските сили, а кои се окарактеризирани како воени злосторства.
Освен тоа, во категоријата „Животна средина“ избрани се 45 извонредни фотографии, во категоријата „Вести“ 30 фотографии и во категоријата „Спорт“ 25.
Фотографиите се избрани од уредниците на фотографии на АА од повеќе од милион фотографии објавени во различни географски подрачја на светот, од Туркије, САД, Пакистан, Украина, Арктичкиот Океан, Палестина, Шкотска, Авганистан до Перу.
За фотографиите со опис на турски и англиски јазик може да се гласа од сите делови на светот. Сите заинтересирани кои сакаат да гласаат можат да изберат најмалку една фотографија од секоја категорија.
Гласањето за најдобри фотографии на годината на фоторепортерите на Анадолу за првпат беше одржано во 2012 година.
Секоја година, голем број светски лидери, вклучително и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, министри, спортисти и уметници учествуваат во гласањето за фотографии на годината на АА.
Минатата година вкупно 416.746 луѓе учествуваа во гласањето за најдобри фотографии на АА.
Оваа година гласањето ќе трае до 31 јануари 2024 година до 17 часот, а може да се гласа на веб-страницата „yilinkareleri.aa.com.tr“.