СКОПЈЕ (АА) - Државната изборна комисија на денешната прва прес конференција по отворањето на избирачките места извести дека до 10 часот утринава, гласале 9,49 отсто од избирачите, јавува Anadolu Agency (AA).
Според претседателот на ДИК Александар Чичаковски, процентот на излезност е извлечен од 95 отсто обработени од вкупниот број на избирачки места.
„По изборните единици излезноста на граѓаните до 10 часот е следната: ИЕ1 - 11, 05 отсто, ИЕ 2 - 9,70 проценти, ИЕ 3 - 11, 36 отсто, ИЕ 4 - 11, 24 проценти, ИЕ 5 - 9, 05 отсто, ИЕ - 6, 10 проценти", изјави претседателот Чичаковски.
Чичаковски, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека до ДИК неколку граѓани поднеле приговор за повреда на избирачко право.
Според него комисијата има рок од четири часа да одлучи по пријавите на овие избирачи.
Во врска со гласањето во дијаспората и гласањето на болните, од Државната изборна комисија велат дека податоците се уште се проверуваат.
- МОСТ: Забележани неправилности во изборниот процес -
Граѓанската Асоцијација МОСТ ја одржа втората прес-конференција на која ги објави новодојавените нерегуларности при гласањето од нивните набљудувачи и регионални канцеларии.
Претседателот на МОСТ, Дарко Алексов, ги објави новодојавените нерегуларности при гласањето, коишто ги забележаа нивните набљудувачи и регионални канцеларии.
„Гласачко место 1778, општина Ново Село, едно лице агитирало пред гласачкото место. Дошла полиција да го приведе, но лицето побегнало. Пред ОУ Димитар Влахов во оштина Штип присутни се неовластени лица, кои ги евидентираат гласачите, кои влегуваат во објектот. Гласачко место 1849, општина Струга, еден гласач гласал и повторно се вратил во гласачкото место за да гласа по втор пат. Избирачкиот одбор не му дозволил да гласа, била повикана полиција и гласачот бил отстранет од гласачкото место. Гласачко место 2557, општина Ѓорче Петров, гласач гласал со вклучена камера на мобилниот телефон. По проверката од страна на избирачкиот одбор во телефонот не била пронајдена фотографија, или видео, и случајот бил третиран како обид за фотографирање. Гласачко место 0281, општина Валандово, гласач го фотографирал ливчето. Избирачкиот одбор повикал полиција по што гласачот бил отстранет од гласачкото место, а фотографијата била избришана. Гласачко место 1219, општина Неготино, гласач јавно кажал за кого гласал. Гласачко место 0624, општина Демир Хисар, член на избирачкиот одбор, кој што гласа на истото место јавно пред сите изјавил за кого ќе гласа и гласал на масата пред останатите членови од избирачкиот одбор. Гласачко место 2011, општина Теарце, едно ливче било откинато од кочанот заедно со серискиот број. За случајот е известена ОИК Теарце“, изјави Алексов.
Според МОСТ, за инцидентот за кој известија во првата прес-конференција, на гласачкото место број 1580/1, избирачкиот одбор продолжува со толерирање на фотографирање на ливчињата. Додека пак во случајот со фотографирање на гласачко ливче во гласачко место 2556, ливчето било изолирано и ќе се смета за неважечко.
Од МОСТ пренесуваат дека, според податоците добиени од програмата паралелно пребројување на гласовите, која претставува математичко – статистичка научна метода, одѕивот на гласачите по изборни единици е следниот:
ИЕ 1 – до 9 часот 6,1 % до 10 часот 11,32%
ИЕ 2 – до 9часот 5,46%, до 10 часот 9,75%
ИЕ 3 – до 9 часот 6,78%, до 10 часот 11,79%
ИЕ 4 – до 9 часот 6,34%, до 10 часот 11,84 %
ИЕ5 – до 9 часот 5,30%, до 10 часот 9,61%
ИЕ 6 – до 9 часот 3,22%, до 10 часот 5,74%