Besar Ademi,Admir Fazlagikj
09 Декември 2016•Ажурирај: 09 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Партиите и коалициите што учествуваат на предвремените парламентарни избори денеска ја завршуваат изборната кампања, која ја започнаа на 21 ноември, со претставување на нивната изборна програма пред граѓаните, јавува Anadolu Agency (AA).
Партиите од владејачката коалиција ја бараат довербата од граѓаните за да продолжат со постоечките и новите проекти, за кои велат дека носат поголем просперитет, подобра и посигурна иднина, додека партиите во коалиција со опозицијата ветуваат реформска влада, која како што велат, ќе донесе подобар живот, поголема демократија.
Коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, бара доверба од граѓаните истакнувајќи дека добивањето 63 пратенички места во Парламентот е гаранција дека ќе заврши политичката криза.
Нови странски инвестиции, проекти во областа на инфраструктурата, здравството, образованието, културата и другите области, како и зголемување на платите во јавната администрација и зголемување на пензиите се дел од главните ветувања на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Во своите предизборни акривности, од оваа коалиција ја обвинуваа опозицијата дека со своите најави за двојазичност на целата територија на државата, предизвикуваат поделби во земјата по различни основи и ветуваат федерализација.
Од Демократската унија за интеграција, партијата што е дел од власта, ветуваат дека ќе останaт посветени на евроатланските процеси со што, како што велат, ќе се обезбеди стабилност и подобра иднина за граѓаните на Македонија.
Ставот на оваа политичка партија на Албанците е дека македонските политички партии не треба да ги бараат албанските гласови, бидејќи легитимни претставници на Албанците можат да бидат само албанските политички партии.
ДУИ, исто така, вели дека ќе настојува челник на Комисијата за економски прашања да биде Албанец, кој ќе ги ориентира економските прашања во вистинската насока, особено економската еднаквост и еднаквата распределба на капиталните инвестиции во деловите од земјата во кои живеат Албанци.
Додека партиите од власта ја бараат довербата за да ги продолжат своите политики, најавувајќи нови проекти што носат подобра иднина, партиите од опозицијата, обединети во Коалицијата „За подобар живот“, предводена од СДСМ, на своите предизборни активности ветуваат подобра економија, повисоки плати, пензии, субвенции, нови училишта, поквалитетно образование, подобра животна средина.
Тие порачуваат дека најавите за двојазичност не водат кон федерализација и поделба на државата, туку дека се работи за вадење од контекст на нивните изјави од страна на политичките опоненти.
Од Демократската партија на Албанците (ДПА), партија која е во опозиција, во своите предизборни промоции велат дека платформата на оваа партија бара ослободување на Албанците од долговите кон државата и целосна рамноправност во распределбата на буџетот меѓу албанските и македонските населени места, со цел условите за живот да бидат еднакви низ целата земја.
Едно од предизборните ветувања на ДПА е дека во следната влада ќе бара да има само еден заменик-премиер, кој ќе стави вето на одлуките на Владата и ќе покаже посебна грижа за Албанците во населбите со неалбанско мнозинство.
Најновата албанска партија БЕСА вели дека ќе работи на решавање на проблемите на Албанците и за промената на улогата на политичарите во Македонија во служба на граѓаните, а не обратно.
БЕСА, во соработка со водечки експерти од Словенија, разви Платформа за одржлив развој на западниот дел на Македонија, во чии рамки е програмата за регионален развој „Кораб 2025“.
Целта на оваа платформа е туристичко заживување на овој дел од Македонија, бидејќи тој потенцијал, според оваа партија, досега не бил доволно искористен.
БЕСА исто така ветува редефинирање на државата, бидејќи, според нив, нема кој да се грижи за иднината на Албанците.
На изборите на 11 декември ќе учествуваат 11 политички субјекти – пет коалиции и шест политички партии.
Право на глас ќе имаат вкупно 1.784.524 граѓани, додека во дијаспората ќе можат да гласаат 20.591 државјани на Македонија.
Инаку, предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември се резултат на договорот меѓу лидерите на четирите најголеми политички партии во земјата (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА), кои по долги преговори на 31 август се согласија околу одржувањето на изборите, со цел земјата да излезе од политичката криза.