Abdula Berisha
24 Април 2023•Ажурирај: 25 Април 2023
СКОПЈЕ (АА) - Министерката за одбрана на Северна Македоника, Славјанка Петровска, денеска со највисоки државни и воени почести ја пречека австриската министерка за одбрана, Клаудија Танер, која е во официјална посета во Скопје, јавува Анадолу.
Австриската министерка се потпиша во книгата на впечатоци во Министерството за одбрана, а потоа двете министерки одржаа тет-а-тет средба, по што се одржа и состанок на двете делегации.
На заедничката прес-конференција, министерката Петровска рече дека оваа посета е доказ дека двете земји се партнери во справувањето со предизвиците со кои се соочува Европа.
Таа истакна дека интеграцијата во Европската Унија (ЕУ) е и безбедносно прашање од највисок приоритет.
„Да не дозволиме да се создаде вакуум во кој европските вредности ќе бидат заменети со други агенди кои во последно време се особено видливи преку хибридните закани, дезинформациите и лажните вести, како и нападите. Ваквите напади не се воопшто наивни, туку имаат една повисока цел, а тоа е да се блокираат преговорите со ЕУ, да се подрие довербата во ЕУ, во НАТО и во демократските институции“, рече Петровска.
Австриската министерка Танер меѓу другото говореше за руската агресија врз Украина, при што истакна дека оваа војна ја потенцира важноста од поддршката на земјите од Западен Балкан во нивниот пат кон членството во ЕУ.
„Стабилноста и безбедноста на земјите од Западен Балкан е нешто што треба да се постигне, и тоа не е нешто што е цел само за тие земји, туку и вистинска цел и за нас. Притоа, не треба да заборавиме на една околност, војната во Украина сѐ уште не е завршена, а крајот на оваа војна сѐ уште не може да се согледа. Проширувањето на војната во насока на Европа, од гледна точка на нашите експерти, не е исклучена можност“, рече Танер, додавајќи дека заради тоа е важно превентивно да се делува.
Таа истакна дека двете земји заеднички учествуваат во разни меѓународни мисии, и додаде дека на состанокот е разговарано за поинтензивна соработка за исполнување на недостигот од воени лекари.
Министерката Танер, исто така, рече дека е разговарано за соработката во справувањето со миграцијата.
Во текот на нејзиниот престој во Скопје, австриската министерка се сретна и со претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.