Ihvan Radoykov
12 Мај 2021•Ажурирај: 13 Мај 2021
СОФИЈА
Во Бугарија официјално стапи на должност преодната технократска Влада што ја формираше претседателот на земјата, Румен Радев, јавува Агенција Анадолија (АА).
На чело на привремената Влада на Бугарија е пензионираниот генерал Стефан Јанев, а главна задача на неговиот кабинет ќе биде организирање на предвремените парламентарни избори што се најавени за 11 јули.
Предвремените парламентарни избори се распишани бидејќи не дојде до формирање парламентарно мнозинство по редовните избори што се одржани на 4 април.
„Нашето општество излегува од авторитарниот и коруптивниот систем на управување. Ова е влада на обединетите демократски сили и ја сочинуваат искусни луѓе“, рече претседателот на Бугарија, Радев, кој утрово го претстави Кабинетот на новата бугарска Влада.
Бугарскиот претседател Радев исто така рече дека претходната Влада, со Борис Борисов на чело, оставила тешка ситуација со која новата Влада и Бугарија мораат да се соочат.
Новиот бугарски премер Јанев рече дека не е човек кој дава празни ветувања и дека ќе работи со полна одговорност и транспарентност кон граѓаните.
„Ќе работиме за корист на нашите граѓани и ќе го почитуваме владеењето на законите“, порача Јанев.
Јанев и членовите на неговиот кабинет потоа од Претседателската палата преминаа во зградата на Владата и извршија формално примопредавање на должноста.
Чинот на примопредавањето на должноста е одржан без присуство на медиумите и тоа на барање на Борисов, кој веќе година и пол не се појавуваше во медиумите.
Така и формално е завршено владеењето на премиерот Борисов, кој на чело на бугарската Влада дојде во мај 2017 година.
Технократската Влада на премиерот Јанев има нешто помал обем на овластувања, а на должноста ќе остане до завршување на јулските избори и до формирање на новата влада.
Јанев е пензиониран генерал кој своевремено работеше и во Министерството за одбрана на Бугарија, а ја извршуваше и должноста воен атеше на Бугарија во Вашингтон.