Kanyshai Butun
18 Мај 2026•Ажурирај: 18 Мај 2026
Кремљ денес соопшти дека секој контакт меѓу рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот претседател Си Ѓинпинг ќе даде нов импулс за понатамошно проширување на билатералните односи, јавува Анадолу.
Говорејќи на прес-конференција, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија има „сериозни очекувања“ од дводневната посета на Путин во Кина, што е закажана за утре.
„Во рамките на посетата се очекува да бидат разгледани сите прашања од економската агенда во односите меѓу Москва и Пекинг“, додаде тој.
„Односите меѓу Русија и Кина се многу разновидни“, истакна тој, додавајќи дека соработката ги надминува рамките на трговијата и економијата и се проширува во областа на медицината, културата и образованието.
- Тој ги отфрли предупредувањата на Зеленски за НАТО -
Коментирајќи ја војната во Украина, Песков изјави дека Кремљ очекува САД да ги продолжат своите посреднички напори во поглед на решавање на конфликтот.
„Мировниот процес во моментов е во застој. Се надеваме дека на крајот ќе продолжи“, додаде тој.
„Русија напаѓа само воени цели во Украина“, истакна тој, обвинувајќи го Киев за напади врз цивилната инфраструктура низ Русија.
Тој ги отфрли тврдењата од страна на украинскиот претседател Владимир Зеленски дека Русија се подготвува за напад на Украина или пак друга членка на НАТО.
Зеленски во петокот ја обвини Русија дека се обидува да ја вовлече Белорусија уште подлабоко во војната против Украина.
Тој тврдеше дека Русија размислува за операции почнувајќи од белоруската територија во правец на украинските региони Чернигов и Киев, или потенцијално против земја членка на НАТО.
„Знаеме дека се остварени дополнителни контакти меѓу Русите и Александар Лукашенко, со цел тој да биде убеден да се приклучи кон новите руски агресивни операции“, објави Зеленски на американската платформа за социјални медиуми Х.