Andelija Stojkovic
04 Март 2020•Ажурирај: 05 Март 2020
БЕЛГРАД (AA) - Претседателот на Србија Александар Вучиќ распиша денес парламентарни избори, а претседателката на Собранието на Србија Маја Гојковиќ ги распиша локалните избори за 26 април, јавува Агенција Анадолија (АА).
На парламентарните избори закажани за 26 април се бираат пратеници во Собранието на Србија, а на локалните избори се бираат советници на општинските совети и градови во Србија.
Истовремено ќе бидат одржани и избори за пратеници на Собранието на Автономната покраина Војводина, кои претседателот на парламентот на Војводина, Иштван Пастор ги распиша вчера.
Вучиќ на својот Инстаграм профил на сите учесници на изборите им посака успех и демократска атмосфера во која сите политичките противници ќе се почитуваат. Тој посака кампањата да биде борбена, но мирна.
„Изборите се важен чин за нашата земја, затоа што луѓето се определуваат за тоа каков живот сакаат да живеат. Сакам добар, вистински демократски натпревари на сите учесници. Да живее Србија", порача Вучиќ
Одлуката за распишување на изборите за советници на општинските совети и градови во Србија не се однесува на Зајечар, Бод, Белград, Косјериќ, Арангеловац, Лучане, Неготин, Мајданпек, Мионица, Медвеѓе, Прешево, Кула, Дољевац, Кладово и Смедеревска Паланка.
Гојковиќ ги повика граѓаните „да го искористат своето граѓанско право и да излезат на редовните избори на 26 април каде ќе имаат можност со својот глас во демократски изборен процес да одлучат за иднината на локалните самоуправи и нивниот понатамошен развој".
Опозицискиот Сојуз за Србија кој го сочинуваат Демократска партија, Партија на слободата и правдата, Народното собрание и движењето Двери објави претходно дека ќе ги бојкотира изборите.