Elena Teslova
03 Септември 2026•Ажурирано: 03 Септември 2026
Ерменија не го смета присуството на руската 102. воена база за витално неопходно и не би се спротивставила доколку Москва одлучи да ја повлече од земјата, изјави денес ерменскиот премиер Никол Пашинјан, јавува Анадолу.
На брифингот за новинарите во Ереван, говорејќи за резултатите од неговата неодамнешна средба со рускиот претседател Владимир Путин во Бишкек, премиерот изјави дека пренесувањето на правата на Русија според концесискиот договор за железницата во Ерменија на трета земја би било најдобра опција за Ереван.
„Во овој период ниеднаш не го поставивме прашањето за руската воена база и не е точно дека присуството на руската 102. воена база на територијата на Ерменија го сметаме за витално неопходно“, рече тој.
Иднината на железничката инфраструктура на Ерменија беше меѓу прашањата за кои разговараа Путин и Пашинјан на средбата во Бишкек во вторникот.
По средбата Путин изјави дека инвестициите во железницата ќе зависат од обемот на товарниот сообраќај, посочувајќи дека отворањето дополнителни траси би можело да создаде нови текови на товар и натамошните инвестиции да ги направи економски исплатливи.
Путин, исто така, рече дека присуството на руската воена база на крајот е суверена одлука на Ерменија.
„Ако Ерменија смета дека руската воена база не е потребна, ние ќе заминеме уште утре. Нема никому ништо да наметнуваме“, рече тој.
Истовремено, Путин истакна дека Русија ќе остане доколку населението на Ерменија сака руско воено присуство и подготвена е да продолжи да работи и да соработува со Москва.