Burak Bir
21 Мај 2026•Ажурирај: 21 Мај 2026
Нето-миграцијата во Велика Британија падна на 171.000 лица во 2025 година, што е најниско ниво од 2012 година, не сметајќи го периодот на пандемијата на КОВИД-19, покажуваат официјалните податоци објавени денес, јавува Анадолу.
Прелиминарните податоци од Заводот за национална статистика (ONS) покажаа дека нето-миграцијата, која достигна највисоко ниво (944.000) до март 2023 година, продолжи да се намалува бидејќи бројката падна на 171.000 лице минатата година.
Според Заводот, падот на пристигнувања на граѓани од земји што не се членки на ЕУ од „причини поврзани со работа“, кој е намален за 47%, е главна причина за падот минатата година.
Бројот на луѓе што ја напуштија Велика Британија е регистриран на повеќе од 640.000, што претставува намалување од 6%, додека 800.000 луѓе имигрираа во земјата минатата година, што е намалување од 20% во однос на податоците од 2024 година.
Одделно, Министерството за внатрешни работи објави податоци за нерегуларната миграција што покажуваат дека бројот на пристигнувања со мали чамци се зголемил за 3% во годината до март.
Во истиот период бројот на лица што побарале азил се намалил за 12%, додека бројот на баратели на азил сместени во хотели се намалил за една третина.
Вкупно 39.271 лице пристигнале во Велика Британија со мали чамци до март 2026 година, според Министерството за внатрешни работи.
„Нето-миграцијата е намалена за 82%. Нето-миграцијата сега изнесува 171.000 лица, што е намалување од максимумот од 944.000 за време на (Владата на) конзервативците. Оваа Влада воспоставува ред и контрола на нашите граници“, напиша министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд на американската компанија за социјални медиуми X.
Претходно овој месец Министерството за внатрешни работи соопшти дека повеќе од 200.000 мигранти го преминале Ла Манш со мали чамци за да стигнат до Велика Британија откако започнало евидентирањето во 2018 година.