Lina Altawell
04 Август 2026•Ажурирано: 04 Август 2026
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан ги демантираше тврдењата дека поднел оставка во услови на тековната воена ескалација со САД, јавува Анадолу.
„Доколку сакав да поднесам оставка, тоа јавно ќе го соопштев. Нема да поднесам оставка и ќе продолжам со борбата“, изјави Пезешкијан во телевизиското обраќање, а изјавите ги објави официјалната новинска агенција ИРНА.
Тој, исто така, ги демантираше тврдењата за несогласувања со врховниот лидер Моџтаба Хамнеи и со вооружените сили, нагласувајќи дека „работиме во целосна хармонија“.
„Сите знаат дека доколку се појави какво било несогласување, вооружените сили би застанале зад Хамнеи“, рече Пезешкијан.
Претходно ирански опозициски медиуми објавија дека Пезешкијан неколкупати му поднел оставка на Хамнеи.
Иран е во конфликт со САД од февруари, кога Вашингтон и Израел започнаа заедничка офанзива врз Техеран. Иран возврати со напади со беспилотни летала и ракети врз земјите од Персискиот Залив во кои се распоредени американски воени капацитети.
САД и Иран во април се согласија на прекин на огнот, а во јуни потпишаа меморандум за разбирање со посредство на Пакистан, чија цел беше прекин на воениот конфликт и постигнување траен мировен договор.
Сепак, договорот пропадна минатиот месец, кога двете страни повторно разменуваа напади речиси две недели, пред американскиот претседател Доналд Трамп ненадејно да го запре бомбардирањето во услови на известувања за нови преговори за решавање на конфликтот.