Riyaz Khaliq Khaliq
17 Јуни 2026•Ажурирано: 17 Јуни 2026
Кина денес објави дека ќе понуди хуманитарна помош за Иран и Либан, додека САД и Иран се движат кон ставање крај на војната со потпишување мировен договор подоцна во текот на оваа недела, јавува Анадолу.
„Кина е погодена од хуманитарната катастрофа предизвикана од конфликтот во Иран и неговите последици врз регионот“, изјави пред новинарите во Пекинг портпаролот на Министерството за надворешни работи, Лин Џиан.
Како што појасни Лин, со оглед на реалната ситуација во овие земји, Пекинг донел одлука да прати хуманитарна помош за Иран и Либан, со цел да го поддржи населението во обновата на нивните земји, како и во закрепнувањето на економијата и подобрувањето на животниот стандард.
Ова е вторпат откако САД и Израел започнаа војна против Иран на 28 февруари, Пекинг да му понуди помош на Техеран. Кина претходно прати помош за Иран во март.
Одлуката за праќање помош за овие земји доаѓа во време кога САД и Иран се договорија за првичен мировен договор со посредство на Пакистан, а Исламабад треба да биде домаќин на церемонијата на потпишување во петок во Швајцарија.
„Како добар пријател на земјите од Блискиот Исток, Кина ќе продолжи да дава поддршка, ќе вложи дополнителни напори за мировни преговори и ќе продолжи да игра позитивна улога во обновувањето на мирот на Блискиот Исток во најкраток можен рок“, рече Лин.
Договорот, исто така, повикува на прекин на израелските напади врз Либан, каде што се убиени речиси 3.800 луѓе од почетокот на војната.