Berk Kutay Gökmen
30 Јуни 2026•Ажурирано: 30 Јуни 2026
Речиси 59.000 објекти се оштетени или уништени во двата земјотреса што ја погодија Венецуела на 24 јуни, според истражувачите од американската вселенска агенција НАСА – процена што е значително повисока од досегашните официјални податоци, јавува Анадолу.
„Околу 58.870 објекти најверојатно се оштетени или уништени низ погодениот регион“, се наведува во извештајот базиран врз радарски податоци од сателити, собрани на 25 јуни од страна на истражувачите Кори Шер и Џамон Ван Ден Хоек од Државниот универзитет во Орегон.
За потребите на извештајот се користени податоци од сателитот „Сентинел-1“ на Европската вселенска агенција. Истражувачите ја опишаа анализата како „брза прелиминарна процена“ што индицира „нагли промени на површината предизвикани од оштетувања“, со напомена дека овие наоди допрва треба да се потврдат на терен и служат само како првичен индикатор за размерите на штетата.
За разлика од овие процени, во најновиот официјален извештај на венецуелската Влада, претставен вчера од претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, се наведува дека се оштетени 855 објекти, од кои 189 целосно се урнати.
Родригез соопшти дека бројот на загинати од двата последователни земјотреса се искачи на 1.719, а 5.034 лица се повредени.
Според Американскиот геолошки институт (USGS), два земјотреса со интензитет од 7,2 и 7,5 степени ја погодија јужноамериканската земја на 24 јуни, во интервал од 39 секунди.
Земјотресот со интензитет од 7,5 степени го погоди подрачјето на 23 километри југоисточно од Јумаре во сојузната држава Јаракуј, а земјотресот со интензитет од 7,2 степени се случи на 23,9 километри североисточно од Сан Фелипе, исто така, во државата Јаракуј.