Diyar Güldoğan
29 Јули 2026•Ажурирано: 29 Јули 2026
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека и покрај повиците на градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, за извршување на налогот за апсење од Меѓународниот кривичен суд (МКС), тој планира да отпатува во Њујорк за претстојната септемвриска сесија на Генералното собрание на Обедцинетите нации, јавува Анадолу.
Водител на Фокс њуз го потсети Нетанјаху на изјавата на Мамдани дека израелскиот премиер би можел да биде уапсен при евентуална посета на градот, додавајќи дека такво сценарио никогаш нема да се случи.
„Прво, јас дефинитивно одам во Њујорк“, одговори Нетанјаху. „Ќе му ја кажам вистината во лице на овој избран официјален претставник што шири омраза.“
Нетанјаху го обвини Мамдани дека поттикнува поделби меѓу њујорчаните и дека ги напаѓа еврејските жители.
„Тој врти една група жители на Њујорк против друга, ги врти против локалните Евреи. Што е ова? Толку многу омраза. Толку многу лаги“, изјави Нетанјаху, осврнувајќи се на нацистичкиот прогон на Евреите во периодот пред Втората светска војна.
Критичарите на Нетанјаху и на Израел долго време го оспоруваат тврдењето дека критиките кон нив може да се изедначат со антисемитизам, потсетувајќи дека за време на минатогодишната градоначалничка кампања Мамдани остварил блиска соработка со бројната еврејска заедница во Њујорк.
Минатата недела Мамдани го нарече Нетанјаху „воен злосторник“ и ја повика Владата на САД да изврши налог за апсење од МКС доколку тој влезе во САД.
Сепак, претседателот Доналд Трамп ветувајќи рече дека Нетанјаху „нема да биде уапсен“ за време на неговата посета на САД.
МКС во ноември 2024 година издаде налози за апсење на Нетанјаху и поранешниот израелски министер за одбрана Јоав Галант поради сомненија за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа, каде што повеќе од 73.000 Палестинци се убиени во брутална офанзива од октомври 2023 година.
Осврнувајќи се на неговата средба со Трамп претходно вчера во Белата куќа, Нетанјаху изјави дека таа била „одлична“.
„Една од најдобрите средби што сме ги имале“, изјави Нетанјаху за Фокс њуз.
„Секогаш ми е жал што ги разочарувам нашите потенцијални критичари што се обидуваат да најдат пукнатини во нашата алијанса, а наместо тоа наоѓаат гранитна карпа... Споделуваме заедничка цел: не сакаме овој фанатичен режим во Техеран да дојде до нуклеарно оружје“, додаде тој.