Hamza Kyeyune
28 Јули 2026•Ажурирано: 28 Јули 2026
Уганда денес прогласи крај на епидемијата на ебола и објави дека земјата официјално е ослободена од оваа болест, јавува Анадолу.
„Министерството за здравство со задоволство објавува дека Уганда официјално го прогласува крајот на епидемијата на болеста ебола во 2026 година. Уганда е слободна од ебола“, изјави министерот за здравство Крис Бариомунси пред новинарите во главниот град Кампала.
Соопштението е издадено откако заврши задолжителниот период на мониторинг од 42 дена, по отпуштањето на последниот пациент заболен од ебола.
Здравствените власти соопштија дека нема пријавено нови случаи од јуни, кога последниот пациент беше пуштен од карантинската установа.
Во мај Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи епидемијата на ебола во Уганда за вонредна здравствена состојба од меѓународно значење.
Епидемијата на оваа вирусна хеморагична болест, која потекнува од источниот дел на Демократска Република Конго, зарази 20 луѓе, а однесе два живота.
Еболата е тешка и често фатална вирусна болест првпат идентификувана во 1976 година. Се верува дека вирусот потекнува од диви животни, особено лилјаци, пред да се прошири на луѓето.
Болеста се шири преку директен контакт со телесни течности, како крв, повраќање, семена течност или други контаминирани материјали, вклучително постелнина и облека. Луѓето стануваат заразни штом се појават симптомите.
Симптомите вклучуваат треска, повраќање, дијареја, интензивна слабост, болки во мускулите и, во тешки случаи, внатрешно и надворешно крвавење.
Тековната епидемија е предизвикана од сојот бундибугјо, првпат идентификуван во Уганда во 2007 година, за кој сè уште нема вакцина или специфичен третман.