Riyaz Khaliq Khaliq, Faisal Mahmud
28 Септември 2026•Ажурирано: 28 Септември 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп го прашал кинескиот претседател Си Ѓинпинг дали Пекинг би бил заинтересиран да купува американско оружје, откри американскиот амбасадор во Кина, јавува Анадолу.
„Претседателот Трамп постојано вели: ние продаваме оружје на други земји низ светот. Тој во еден момент всушност го праша претседателот Си дали би сакал да купи нешто“, изјави американскиот амбасадор во Кина, Дејвид Пердју, за „Фокс њус“ во неделата.
Трамп го пречека Си на важен самит во Белата куќа во четвртокот. Двајцата лидери повторно се сретнаа во петокот на приватна средба и разгледаа архиви со фотографии и текстови во Вашингтон, пред Си да отпатува за Кина, со што ја заврши тридневната државна посета на САД.
Пердју не кажа како одговорил Си.
Опишувајќи ја државната посета на Си на САД како „успешна“, Пекинг денес соопшти дека е „посветен на светскиот мир“.
„Кина ја изгради својата војска врз основа на сопствените потреби и е посветена на зачувување на светскиот мир и стабилност“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Гуо Џиакун пред новинарите во Пекинг.
Пердју ги даде изјавите бранејќи ја одлуката на Вашингтон да продолжи со продажбата на оружје на Тајван.
„Претседателот Трамп постојано вели: ‘Ние продаваме оружје на други земји низ светот’“, рече Пердју.
Американски претставник од Стејт департментот потоа за „Саут Чајна морнинг пост“ изјави дека американскиот закон забранува продажба на оружје на Кина и дека Вашингтон „нема понуда ниту план“ за продажба на оружје на Пекинг.
Пердју рече дека политиката на Вашингтон кон Тајван не е променета, повикувајќи се на политиката на една Кина, Законот за односи со Тајван, трите заеднички коминикеа меѓу САД и Кина и Шесте уверувања.
„Не поддржуваме независност и не поддржуваме принуда“, рече тој, додавајќи дека Трамп одобрил пакет со оружје за Тајван вреден 11 милијарди долари и одобрил 50 отсто повеќе трансфери на оружје отколку кој било американски претседател од 1979 година.
САД претходно продавале оружје на Кина. За време на поблиската стратегиска соработка меѓу САД и Кина против Советскиот Сојуз во 1980-тите, Вашингтон му испорачал на Пекинг воена опрема, меѓу која радари за контраартилериски дејства AN/TPQ-37 и торпеда Марк-46.
Продажбата на оружје меѓу американската и кинеската Влада последователно била прекината, при што по 1990 година не бил склучен нов договор за странска воена продажба, според американската владина Канцеларија за отчетност.
Пекинг го смета Тајван за дел од Кина и повеќепати се спротивставил на американската продажба на оружје на островот.