Şeyma Uzundere
08 Август 2022•Ажурирај: 09 Август 2022
АНКАРА (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден упати порака за единство со муслиманската заедница против убиствата на муслиманите во градот Албакерки, во американската сојузна држава Њу Мексико, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Бајден во изјавата на својот профил на Твитер рече дека е „лут и тажен поради ужасните убиства“. Наведувајќи дека за ваквите напади на омраза нема место во Америка, Бајден истакна дека силно ја поддржува муслиманската заедница.
Кајл Хартсок од полициската управа во Албакерки на прес-конференцијата за убиствата што предизвикаа загриженост кај муслиманската заедница изјави дека убиецот на муслиманите убиени во последните девет месеци во градот може да биде истата личност или лица.
Нагласувајќи дека жртвите можеби биле цел затоа што припаѓале на муслиманската заедница, Хартсок рече: „Нашите детективи и истражители од одделот за убиства веруваат дека постои голема можност истата личност или лица да ги извршиле овие убиства врз основа на расата и верата.“
Додаде дека секоја муслиманска жртва била убиена во заседа. „Тоа ни покажува дека напаѓачот чекал во заседа“, рече тој.
Во Албакерки, 62-годишниот Мухамад Ахмади беше пронајден мртов на паркинг зад халал-маркет во ноември 2021 година, додека на 26 јули, 41-годишниот Афтаб Хусеин беше застрелан на паркингот пред неговиот стан. На 1 август, 27-годишниот водач на студентите Мухамед Афзаал Хусеин наводно е убиен на пат кон Универзитетот „Њу Мексико“, а неодамна во Албакерки, на 6 август, е убиен уште еден муслиман.