Ikrame Imane Kouachi
06 Јули 2025•Ажурирај: 07 Јули 2025
АНКАРА (АА) – Најмалку 57.418 Палестинци се убиени во геноцидната војна на Израел во Појасот Газа од октомври 2023 година, соопшти денес Министерството за здравство на енклавата, јавува Анадолу.
Министерството истакна дека во последните 24 часа во болниците донесени се 80 тела, додека 304 лица се повредени, со што вкупниот број на повредени се искачи на 136.261.
„Многу жртви сѐ уште се заробени под урнатините и на патиштата, бидејќи спасувачите не можат да стигнат до нив“, се додава.
Министерството, исто така, објави дека во последните 24 часа осум Палестинци се убиени, а над 40 се повредени при обид да дојдат до хуманитарна помош, со што вкупниот број на Палестинци убиени додека барале помош од 27 мај наваму се искачи на 751, а над 4.931 се повредени.
Израелската армија ги продолжи нападите врз Појасот Газа на 18 март од кога се убиени 6.860 Палестинци, а повредени се 24.220, кршејќи го договорот за прекин на огнот и размена на затвореници што стапи на сила во јануари.
Минатиот ноември, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.