Tufan Aktaş
08 Јануари 2020•Ажурирај: 09 Јануари 2020
МОГАДИШУ
Најмалку 5 лица се убиени, а 11 ранети во бомбашкиот напад кој утринава се случи во центарот на Могадишу, главниот град на Сомалија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролот на Владата на Сомалија, Исмаил Мухтар Омер, соопшти дека цел на нападот со автомобил бомба бил контролниот пункт кој се наоѓа во близина на зградата на сомалискиот Парламент и владините институции.
Нападот е извршен на патот кој го користат највисоките официјални претставници на Сомалија, а кој води и до палатата на претседателот на таа источноафриканска земја.
Одговорност за нападот презеде терористичката организација „Ал Шабаб“.
На 28 декември минатата година најмалку 85 лица, вклучувајќи двајца турски државјани, загинаа, а повеќе од 150 беа повредени во експлозија на камион во главниот сомалиски град, Могадишу. За тој напад одговорноста ја презеде „Ал Шабаб“.