Ali Cura
30 Мај 2023•Ажурирај: 31 Мај 2023
МОСКВА (АА) - Беспилотни летала утрово изведоа напад врз Москва, главниот град на Русија, и во неговата околина, известува Анадолу.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека неколку згради се полесно оштетени како резултат на напади со дронови во раните утрински часови. Тој наведе дека градските служби за вонредни ситуации се на самото место.
„Досега никој не е потешко повреден. Ве молиме да им верувате само на официјалните извори и да не ширите непроверени информации“, нагласи градоначалникот Собјанин.
Андреј Воробјев, гувернер на московската област, на својот профил на социјалните мрежи наведе дека звуци од експлозии што се слушаат во некои региони им припаѓаат на системите за противвоздушна одбрана.
„Неколку беспилотни летала се соборени додека се приближуваа кон Москва. Ја молам јавноста да остане смирена. Сите итни служби работат“, објави Воробјев.
Руските информативни агенции објавија дека беспилотни летала удриле во станбени објекти во две различни улици во Москва. Во вестите се наведува дека во нападите нема повредени или загинати.
Во некои објави на социјалните мрежи се вели дека врз Москва се изведени 25 напади со беспилотни летала, од кои поголем дел се соборени со системите за противвоздушна одбрана.