ИДЛИБ (АА) - Најмалку 13 лица загинаа во операција извршена од американските сили рано утрово во сириската покраина Идлиб, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во операцијата целта било лице за кое постоело сомневање дека е поврзано со терористичката организација ДЕАШ, со поддршка на борбен авион Ф-16 и хеликоптер.
Војниците во 1:20 часот по локално време се спуштиле од хеликоптер до куќата, во близина на селото Атма.
„Околу 00:30 часот (2130GMT) се слушна врева однадвор, мислев дека е поплава. Кога отидов надвор и видов, хеликоптерите летаа над нас и од еден хеликоптер се обратија со мегафон“, рече жител на селото, кој анонимно зборуваше за Агенција Анадолија поради страв од одмазда.
Потоа се слушнале истрели во близина на куќата откако американските војници повикале да се предаде, според жителот кој рече дека соседните куќи биле оштетени.
„Рацијата им го одзеде животот на 13 луѓе, меѓу кои 6 деца и 6 жени“, соопштија тимовите за цивилна одбрана.
Безбедносни извори за АА изјавија дека американските војници го напуштиле местото со преживеан кого го влечеле.
Снимка од тимот на АА на местото на настанот покажува дека некои ѕидови и кровови на куќи се урнати од бомбите кои биле фрлени за време на рацијата, изгорен е дел од кујна, целиот мебел е уништен и се гледаат траги од крв на подовите.
Според локалните извори, во операцијата можеби целта бил еден од најбараните водачи на терористичката организација ДЕАШ.
Коментирајќи ја операцијата, портпаролот на американскиот Пентагон, Џон Кирби, во кратка изјава соопшти дека операцијата била успешна.
Кирби изјави дека немало жртви од американската страна и дека повеќе информации ќе бидат споделени кога ќе станат достапни.
Портпаролот одби да даде детали за името на осомничениот или името на групата.
Во октомври 2019 година САД изјавија дека лидерот на ДЕАШ, Ебу Бекр ал Багдади, е убиен во слична операција во Идлиб.