Riyaz Khaliq Khaliq
28 Септември 2026•Ажурирано: 28 Септември 2026
Најмалку 19 лица загинаа во поплавите во неколку провинции во Тајланд, а во Бангкок се погодени околу 700.000 луѓе, соопштија властите денес, јавува Анадолу.
„Во поплавите во 23 провинции загинаа 19 лица и погодени се 49 здравствени установи“, соопшти тајландското Министерство за здравство.
Според Тај Енквајрер, најголем број од смртните случаи биле предизвикани од „давeње или струен удар“.
Тајландската Влада прогласи два неработни денови во Бангкок и соседните провинции Нонтабури, Патум Тани и Самут Пракан поради поплавите.
Министерството за здравство соопшти дека 24 здравствени установи продолжиле да работат, три биле делумно затворени, а 22 прекинале со работа.
Дождовите во Бангкок стивнале поради оддалечувањето на системот со низок воздушен притисок, иако монсунските врнежи продолжуваат, особено во источниот дел на главниот град. Погодени се околу 329.000 домаќинства, односно приближно 700.000 луѓе.
Во текот на ноќта биле измерени околу 62 милиметри дожд во Нонг Чок, 55 милиметри во Лат Крабанг и 52 милиметри во Мин Бури.
Гувернерот на Бангкок, Чадчарт Ситипунт, рече дека властите приоритетно работат на намалување на нивото на водата во главните канали, меѓу кои Правет Буриром и Лат Фрао, со што би се овозможило истекување на водата од патиштата и станбените населби.
Лат Крабанг, Банг Капи, Кан На Јао, Сај Маи, Суан Луанг, Сафан Сунг и Лак Си се меѓу најтешко погодените области.
Некои делови од патот Фечабури повторно се отворени, а движењето по патот Вибхавади Рангсит е олеснето, иако на одредени места сè уште има поплави.
Бангкокшката метрополитенска управа преместила околу 1.500 неподвижни пациенти во градските болници и ги следи барањата за помош објавени на социјалните мрежи.
Властите, исто така, побарале хуманитарни материјали, меѓу кои готови оброци, вода за пиење, возила со голема проодност, чамци со рамно дно и мобилни кујни.