Necva Taştan Sevinç
28 Септември 2026•Ажурирано: 28 Септември 2026
Русија нема доволно сили за да започне голем напад врз НАТО додека нејзината војска е ангажирана во Украина, изјави полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, пренесува Анадолу.
Во разговор за јавниот сервис „ТВП Инфо“, Сикорски подетално го објасни своето предупредување од минатата недела за тоа дека Варшава располага со информации од повеќе извори кои укажуваат оти Русија „подготвува нешто големо оваа година“.
На прашањето каква форма би можеле да имаат плановите на Москва, тој рече: „Се разбира, само Путин го знае тоа, но мораме да бидеме подготвени, не смееме да дозволиме да бидеме манипулирани и мора да бидеме внимателни, за како Алијанса да можеме веднаш да реагираме на каква било провокација“.
„Русија нема сили за голем напад врз НАТО“, рече тој. „Сите нејзини сили се ангажирани во Украина.“
Сикорски посочи дека Москва би можела да се обиде со „нешто од помал обем што би можело да предизвика одредени контроверзии меѓу сојузниците“. „На Кремљ би му одговарал инцидент што би ги поделил европските и американските членки околу прашањето дали се применува членот 5 од НАТО, кој се однесува на колективната одбрана“, рече тој.
„Русија би можела поагресивно да го прави она што веќе го прави“, додаде тој.
Западните влади ја обвинуваат Москва за спроведување саботажи и навлегувања во воздушниот простор како дел од кампањата на хибридна војна против земјите од НАТО и ЕУ.