Oliver Towfigh Nia
12 Август 2026•Ажурирано: 12 Август 2026
Германската армија (Бундесвер) во последните години регистрирала зголемување на бројот на забележани беспилотни летала како последица на војната меѓу Русија и Украина, објави германскиот печат, пренесува Анадолу.
„Од почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина во февруари 2022 година – која го крши меѓународното право – бројот на пријави, вклучително и оние за забележани беспилотни летала поврзани со Бундесверот, значително се зголеми и останува на исто ниво“, изјави портпаролот на Оперативната команда за редакциската мрежа РНД.
„Во последните години пријавени се вкупно неколку стотици сомнителни прелети на беспилотни летала во оперативното подрачје на Бундесверот. Пријавите, главно, се однесуваат на поединечни беспилотни летала, но повремено и на роеви беспилотни летала“, додаде портпаролот.
Изјавата следува само една недела откако беспилотно летало опремено со експлозив и детонатор предизвика голема вознемиреност на аеродромот „Лајпциг/Хале“ откако бил забележан во близина на украински карго-авион. Истрагата ја презеде Сојузното обвинителство.
Безбедносната средина во Германија и Европа во последните години суштински се смени. Германија секојдневно се соочува со хибридни закани, како дезинформации, кибернапади, шпионажа и саботажа, според германскиот воен претставник.
Минатата недела беше објавено и дека две беспилотни летала биле забележани над воена база во западниот германски град Мехерних.