Selen Temizer
18 Ноември 2021•Ажурирај: 19 Ноември 2021
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ) забрза со своите подготовки за одобрување на „Стратешкиот компас“, како дел од целите на Блокот „автономија во одбрана“ за справување со безбедносните кризи со кои се соочува од неодамна, јавува Агенција Анадолија (АА).
Додека ЕУ е значаен актер во глобалната политика и економијата со 27 земји членки, не може да дејствува независно од НАТО и САД кога станува збор за областите на одбрана и безбедност.
Но идејата за „автономна воена моќ“, која беше на дневниот ред долго време, се дискутира често во време на кризата.
Тоа што некои членки, како што е Франција, сметаат дека НАТО е нефункционален, влошените односи со САД во услови на претседавањето на Доналд Трамп, агресивниот став на Русија и нејзината анексија на украинскиот Крим, како и фокусирањето на САД на заканите од Кина, а не од Русија, ја поттикнаа ЕУ да работи на конкретни алтернативи за нејзина одбрана.
Во јуни 2020 година ЕУ почна да работи на оперативен одбранбен водич наречен „Стратешки компас“ и првично работеше на анализи на закани.
Повлекувањето на САД и НАТО од Авганистан, Франција која САД и Велика Британија ја оставија настрана поради договорот за купување подморници со Австралија и „хибридната“ закана што произлегува од Белорусија, повторно го свртеа вниманието на ЕУ кон „Стратешкиот компас“.
„Стратешкиот компас“, подготвен од шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, вклучува четири основни елементи насочени кон зајакнување на улогата на ЕУ во управувањето со кризи, подобрување на одбранбените способности, обезбедување отпор на кризи и партнерство со трети земји.
Борел честопати велеше дека „Стратешкиот компас“ не е алтернатива на НАТО, туку би значело споделување на товарот со САД.
Највпечатлив елемент во документот што се планира да биде финализиран на Самитот на лидерите на ЕУ во март 2022 година е „брзо распоредување сили“ - чија цел е да има физичка сила до 5.000 војници, воздушни, како и копнени и поморски единици, и да одржуваат редовни вежби.
Иако за одлука за распоредување сили, кои исто така можат да дејствуваат надвор од зоната на ЕУ, ќе бидат потребни гласови од сите 27 земји членки, не секоја членка на европското тело ќе мора да испрати војници во силите.
Силите за распоредување може да се формираат преку коалиции на група земји членки и ќе имаат модуларна структура за да можат да одговорат на различни кризни ситуации, вклучително и на хибридни напади врз ЕУ. Предвидено е силите за брзо распоредување да бидат формирани до 2025 година.