Ahmed Asmar
02 Октомври 2024•Ажурирај: 03 Октомври 2024
АЛ КУДС (ЕРУСАЛИМ) - Израел му забрани на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, да влезе во земјата, официјално прогласувајќи го за непожелна личност, изјави денес израелскиот министер за надворешни работи, јавува Анадолу.
„Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, го прогласив за персона нон грата во Израел и му забранив влез во земјата“, се вели во соопштението на Израел Кац.
Последниве месеци Израел им забрани влез на неколку претставници на ОН, вклучително и на специјалната известувачка на ОН за Палестинците, Франческа Албанезе, обвинета дека застанала на страна на Палестинците, како и на шефот на хуманитарната канцеларија на ОН на окупираната палестинска територија, кој во август рече дека Израел не им ги продолжил визите поради извештајот на ОН во кој Израел се обвинува за кршење на правата на палестинските деца.
Израел, исто така, го нападна и кредибилитетот на Агенцијата за помош и работа на ОН за палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).
Во обид да го оправда последниот потег, израелскиот министер за надворешни работи рече дека Гутереш не го осудил Иран поради неговиот ракетен напад врз Израел извршен синоќа и не ја прогласил палестинската група на отпорот Хамас за „терористичка организација“.
Синоќа Иран истрела околу 180 проектили кон Израел, за што рече дека е одмазда за неодамнешните убиства на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије, на шефот на Хезболах, Хасан Насрала, и командантот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), Абас Нилфорошан.
Доцна синоќа Израел вети дека ќе одговори на нападот во време по сопствен избор, нарекувајќи го „сериозна, опасна ескалација“.
Регионалните тензии ескалираа поради речиси едногодишната немилосрдна офанзива на Израел врз Појасот Газа, во која се убиени повеќе од 41.600 Палестинци, главно жени и деца, по 7 октомври минатата година.
Конфликтот се прошири и во Либан, а Израел започна смртоносни напади низ целата земја во кои од 23 септември досега се убиени повеќе од 1.000 луѓе, а речиси 3.000 се повредени.