Ahmed Asmar
15 Февруари 2024•Ажурирај: 16 Февруари 2024
АНКАРА (АА) - Во нападите врз Појасот Газа, Израел, обвинет за геноцид, досега уби 28.663 Палестинци од 7 октомври досега, соопшти денес Министерството за здравство на оваа палестинска енклава, известува Анадолу.
Најмалку 68.395 Палестинци се ранети во израелските напади врз Појасот Газа.
„Најмалку 87 луѓе се убиени, а 104 се ранети во израелските напади последните 24 часа“, соопштија од палестинското Министерство.
Во соопштението се додава дека голем број луѓе и понатаму се наоѓаат заробени под урнатините и на патиштата, а спасувачките екипи и итната помош не се во можност да дојдат до нив поради израелските бомбардирања и гранатирања.
По обвинението за геноцид што го поднесе Јужноафриканската Република, Меѓународниот суд на правдата на 26 јануари пресуди дека Израел мора да се воздржи од какви било активности поврзани со убивање, напади и уништување на жителите на Газа и да ги преземе сите мерки за да спречи геноцид.
Меѓутоа, израелските сили и понатаму продолжуваат со нападите врз Појасот Газа.
Според податоците на Обединетите нации, 85% од населението на Појасот Газа се внатрешно раселени и се соочуваат со акутен недостиг на храна, чиста вода и лекарства, а околу 60% од инфраструктурата во Појасот Газа се оштетени или уништени.
Официјалната бројка на загинати во Израел изнесува 1.200, но, според зборовите на пилот на Израелските вооружени сили, можно е дел од загинатите Израелци да се жртва на примената на „Ханибаловиот протокол“ од страна на израелската војска.
„Ханибалова директива“ или „Ханибалов протокол“ е контроверзна процедура што ја користат израелските одбранбени сили (ИДФ) со цел да се спречи киднапирање на израелските војници од страна на непријателските сили. Според оваа директива, „киднапирањето мора да се запре со сите средства, дури и по цена на напад и елиминирање на киднапираните“. Овој протокол од страна на Израел е воведен во 1986 година.