Said Amori
13 Октомври 2023•Ажурирај: 14 Октомври 2023
КУДС (АА) - Израел се подготвува да изврши копнена офанзива во Појасот Газа, објави израелскиот „Канал 14“, пренесува Анадолу.
Телевизискиот канал истакна дека се чека одобрување на политичко ниво.
„Доколку копнениот влез биде одобрен, израелските сили се подготвени да останат таму (во Газа) неколку месеци“, се вели во веста.
Во веста се истакнува дека јасна цел за армијата во оваа фаза е да го разоружи Појасот Газа.
Израелските воздухопловни сили претходно истиот ден соопштија дека фрлиле „околу 6.000 бомби врз цели на Хамас“ во Газа по нападот на палестинската група извршен во саботата.
Конфликтот ескалираше во хуманитарна криза на 7 октомври кога вооруженото крило на Хамас, бригадите Ал-Касам, ја започна операцијата „Поплава Ал Акса“ против Израел, повеќестран ненадеен напад што вклучуваше низа ракетни лансирања и инфилтрации во Израел преку копно, море и воздух.
Хамас соопшти дека операцијата била одмазда за упадот во џамијата „Ал Акса“ во окупираниот Источен Кудс (Ерусалим) и зголеменото насилство на израелските доселеници врз Палестинците.
Потоа израелската армија ја започна операцијата „Железни мечеви“ против позиции на Хамас во Појасот Газа.
Одговорот на Израел се прошири и на прекинување на снабдувањето со вода и електрична енергија на Газа, дополнително влошувајќи ги условите за живот во областа што е под опсада од 2007 година.