Lina Altawell
21 Септември 2026•Ажурирано: 21 Септември 2026
Израелските сили рано утринава со артилериски гранати и митралески оган нападнаа области во западниот рурален дел на сириската провинција Дара, без пријавени повредени, објави новинската агенција САНА, пренесува Анадолу.
Израелските сили испукале неколку артилериски гранати кон долините Абидин и Ал-Ракад, а истовремено ја гаѓале периферијата на селото Џамла во областа на басенот Јармук, во јужниот дел на Дара.
Израелските сили исто така отвориле оган од една од своите позиции покрај линијата за раздвојување од 1974 година кон периферијата на градот Абидин.
Нападите се случиле по еден ден откако израелската Армија двапати во рок од неколку часа го гранатирала руралниот дел на јужната провинција Кунејтра, гаѓајќи област југоисточно од градот Ал-Рафид и шумското подрачје на селото Бир Аџам, според САНА.
По падот на режимот на Башар ал-Асад во декември 2024 година, Израел го прошири окупираното подрачје на сириска територија, ја презеде тампон-зоната и прогласи дека Договорот за раздвојување на силите од 1974 година меѓу двете страни е неважечки.
Со договорот беше воспоставена тампон-зона под сириски суверенитет за раздвојување на сириските и израелските сили, а Силите на ОН за набљудување на раздвојувањето (UNDOF) беа задолжени за следење на неговото спроведување.
И покрај тоа што сириската Влада не претставува закана за Тел Авив, израелската Армија повеќепати изврши упади на сириска територија и воздушни напади во кои загинаа цивили, а уништени се воени локации, возила, оружје и муниција на сириската Армија.