Diyar Güldoğan
06 Мај 2026•Ажурирај: 06 Мај 2026
Кубанскиот министер за надворешни работи Бруно Родригез вчера ги обвини Соединетите Американски Држави за ескалирање на притисокот врз оваа островска држава преку воведување економски мерки, јавува Анадолу.
„Владата на САД настојува да навести воена акција против Куба со образложение дека ’земјата е опустошена... и би било чест таа да се ослободи‘“, напиша Родригез на американската платформа за социјални медиуми Х.
„Цинизмот и лицемерството во сето ова е тоа што САД со децении се обидуваат да ја опустошат државата преку наметнување економска војна, а во изминативе два месеца Владата го прави тоа со уште поголема жестина преку усвојување на две геноцидни извршни наредби“, наведе тој.
Родригез истакна дека со економските ограничувања и со секоја потенцијална воена акција би се прекршило меѓународното право, карактеризирајќи ги како „меѓународни злосторства“.
„И економската блокада и енергетската опсада, како и новите екстратериторијални принудни мерки; заканата од воен напад, но и агресијата претставуваат меѓународни злосторства“, додаде тој.
Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера негираше дека Вашингтон спроведува нафтена блокада на Куба. Оваа изјава следува и покрај тоа што САД се заканија со царини за секоја држава што ќе се обиде да ѐ продаде нафта на Куба.
„Овие мерки, сами по себе, не претставуваат нафтена блокада на Куба“, изјави Рубио на прес-конференција.
- „Во период од четири месеци во Куба пристигнал само еден танкер со гориво“ -
Куба се наоѓа во енергетска криза, со чести прекини во снабдувањето со електрична енергија, што е директна последица на нафтеното ембарго што САД го воведоа на 30 јануари.
Американскиот претседател Доналд Трамп во повеќе наврати изјави дека Куба е „следна цел” по воената операција во Иран, прогнозирајќи дека карипскиот остров „набрзо ќе пропадне“.
Во посебна објава Родригез ги отфрли тврдењата на Рубио со кои се негира постоење на нафтена блокада на Куба.
„Тој едноставно избра да се служи со невистини. Неговите наводи се во директна контрадикција со ставовите на претседателот и на портпаролот на Белата куќа“, наведе тој.
Родригез укажа на извршната наредба потпишана од Трамп на 29 јануари, нагласувајќи дека во неа се предвидува воведување царини за државите што извезуваат гориво во Куба. Тој тврди дека оваа мерка ги одбила набавувачите и предизвикала драстично намалување на испораките на енергенти на островот.
„За период од четири месеци во Куба пристигна само еден танкер со гориво. Сите наши набавувачи се изложени на заплашувања и закани, со што директно се прекршуваат правилата за слободна трговија и слобода на пловидба“, изјави тој.
Министерот, исто така, се повика на извршната наредба од 1 мај, со која се воведуваат дополнителни санкции во енергетскиот сектор, со што дополнително се заоструваат рестрикциите за пристап до гориво.
„Секретарот е одлично запознаен со штетите и страдањата што криминалната нафтена опсада, лично предложена од него до претседателот, денес му ги нанесуваат на кубанскиот народ“, изјави Родригез.