КАБУЛ (АА) - Две експлозии одекнаа денес пред Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во авганистанската престолнина Кабул, соопшти турското Министерство за одбрана, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Имаше две експлозии надвор од аеродромот во Кабул. Нема штета, ниту жртви во нашите единици“, соопшти Министерството преку Твитер.
Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, исто така се огласи преку Твитер соопштувајќи: „Можеме да потврдиме дека експлозијата кај влезот „Аби“ беше резултат на еден комплексен напад што резултираше со одреден број американски и цивилни жртви. Исто така, можеме да потврдиме за уште една експлозија кај или во близина на хотелот Барон, недалеку од влезот Аби. Ќе продолжиме да известуваме.“
Новинскиот канал „Ал Џезира“, цитирајќи ги талибанците, објави дека во експлозиите загинале најмалку 25 лица, а над 90 се повредени.
Непотврдени извештаи сугерираат дека експлозиите се резултат на самоубиствен напад.
Во меѓувреме, портпаролот на талибанците, Забихула Муџахид, го осуди нападот преку Твитер: „Исламскиот емират остро го осудува бомбардирањето на цивили на аеродромот во Кабул, што се случи во област каде безбедноста е во рацете на американските сили“.
„Исламскиот емират посветува големо внимание на безбедноста и заштитата на својот народ, а злите кругови ќе бидат остро запрени“, додаде тој.
Аеродромот во Кабул е под контрола на американските сили бидејќи трае евакуацијата до крајниот рок, 31 август. Аеродромот е единствената област во земјата која сè уште е под американска контрола.
Илјадници луѓе чекаат на аеродромот за евакуација, а голем број луѓе се собраа пред аеродромот, барајќи начин да влезат внатре и да се качат на лет за надвор од државата.