Necva Taştan Sevinç
02 Јули 2026•Ажурирано: 02 Јули 2026
Повеќе од 1.000 хектари земјиште изгореа во неколку шумски пожари низ јужна Франција, додека стотици пожарникари денес продолжуваат со борбата против огнените стихии во услови на силен ветер и суво време, јавува Анадолу.
Во најголемиот пожар, што избувна во Општината Пузол-Минервоа во департманот Еро, пред да се прошири во соседниот департман Од, изгореа повеќе од 800 хектари, објави француската новинска телевизија БФМТВ.
Пожарот е ставен под контрола утринава, но пожарникарите предупредија дека поради постојаните ветрови сè уште постојат активни жаришта.
Околу 350 жители беа евакуирани како превентивна мерка. Властите соопштија дека ниту една куќа не е оштетена, иако дел од лозјата се делумно уништени.
Два други големи шумски пожари избувнаа северно од Марсеј, во департманот Буш-ди-Рон.
Пожарот во Роњак беше ставен под контрола во текот на ноќта, откако изгореа околу 50 хектари. Пет куќи беа евакуирани, додека оштетувања претрпеа два магацина, зградата на компанија за јавни работи, неколку возила и еден помошен објект. Нема известувања за повредени лица.
Во близина, пожарникарите продолжија со гаснењето на пожарот во Лансон-Прованс, каде што изгореа околу 200 хектари.
Пожарите го нарушија и транспортот, при што регионалните железнички услуги ТЕР (TER) меѓу Марсеј и Мирамас беа прекинати утринава откако пламените јазици се приближија до железничките пруги.
На друго место, шумскиот пожар во Фрежис во департманот Вар беше ставен под контрола доцна синоќа, откако изгоре вегетација и предизвика евакуација на околу 2.200 луѓе од шест кампа.
Француските власти денес ставија шест медитерански департмани под највисок степен на предупредување (црвен аларм) поради „многу висок“ ризик од шумски пожари.
Портпаролот на пожарникарите, Ерик Брокарди, предупреди дека шумските пожари се појавуваат сè порано во текот на годината.
„Тоа е реалноста. Денес го гледаме тоа, ова е исклучително комплициран период за пожарникарите“, изјави тој за РТЛ, истакнувајќи дека пожарите избувнуваат пред екот на летната сезона, што го отежнува мобилизирањето на доброволните пожарникари.
Силните ветрови мистрал и трамонтана, со налети што достигнуваа брзина и до 90 километри на час во делови од јужна Франција, продолжија да ги отежнуваат операциите за гаснење на пожарите.