Hamdi Yıldız
10 Јануари 2022•Ажурирај: 11 Јануари 2022
АДЕН
Вкупно 1.171 цивили во Јемен се убиени или повредени минатата година, соопшти Националната истражна комисија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Националната истражна комисија во соопштение наведе дека имало значително зголемување на директните и индиректните напади врз цивили во 2021 година.
Во соопштението даден е податокот дека 403 цивили, меѓу кои 30 жени и 48 деца, ги загубиле животите во нападите во тој период. Притоа, во истите напади се ранети 768 цивили, од кои 85 жени и 167 деца.
И покрај тоа што се истакнува дека 296 цивили загинале од експлозии на мини и експлозивни средства, во соопштението не се вклучени дополнителни информации за тоа кој е одговорен за нападите.
Во Јемен, каде што долго време владее политичка нестабилност, Хусите поддржани од Иран од септември 2014 година го контролираат главниот град Сана и некои региони во земјата.
Коалицијата предводена од Саудиска Арабија, чија цел е да ја врати јеменската влада, ја влоши ситуацијата, предизвикувајќи една од најтешките хуманитарни кризи во светот. Според проценките на ОН, на речиси 80 отсто или околу 30 милиони луѓе им е потребна хуманитарна помош и заштита, а повеќе од 13 милиони се соочуваат со ризик од глад.