Ayşe Doğru
10 Јануари 2022•Ажурирај: 11 Јануари 2022
БАНГКОК
Соборената лидерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи е осудена на 4 години затвор поради нелегално увезување и поседување на воки-токи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Објавена е втората пресуда од серијата различни обвинувања кон Су Чи, соборена со воен удар на 1 февруари 2021 година.
Судот во главниот град Непидо ја осуди 76-годишната Су Чи на четири години затвор, поради нелегално увезување и поседување воки-токи.
Претходно Су Чи на 6 декември беше осудена на 4 години затвор за поттикнување на јавноста на бунт и кршење на ограничувањата за Ковид-19, во првото од вкупно 11-те различни обвиненија против неа.
- Воен удар во Мјанмар
Армијата на Мјанмар ја презеде власта во земјата на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Притворени беа претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Како резултат на вооружената интервенција на Армијата на Мјанмар врз демонстрантите против пучот, досега 902 цивили го загубија животот, а илјадници се приведени.
Во меѓувреме, според Организацијата за помош на политички затвореници (AAPP), во текот на пучот животот го загубиле 1.200 луѓе, а приведени се околу 10 илјади.
Додека се одржуваат демонстрациите што започнаа на 6 февруари со барање за враќање на демократијата во земјата, продолжува судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.