Muhammed Yasin Güngör
04 Август 2026•Ажурирано: 04 Август 2026
Надзорен специјален агент на Федералното биро за истраги (ФБИ) е приведен под сомнение дека незаконски присвоил дигитални средства во вредност од околу 1 милион долари од сметки поврзани со странски противнички субјекти, покажуваат судските документи што беа објавени вчера, јавува Анадолу.
Патрик Стивен Јарок, кој поседувал безбедносен сертификат од највисоко ниво и работел во областа на контраразузнавањето, им признал на истражителите дека ги користел системите на ФБИ за да дојде до криптографски клучеви и да ги префрли средствата во свои лични дигитални паричници.
„Ги презедов работите во свои раце“, изјавил Јарок, наведувајќи дека бил разочаран од, како што сметал, неспособноста на Бирото да ги запре средствата на странските противнички субјекти.
Според истрагата, тој извршил меѓу 10 и 12 неовластени трансфери, при што украдените криптовалути ги измешал со сопствени дигитални средства.
- Подготвувал бегство
Истрагата покажала дека Јарок активно се подготвувал да ги напушти Соединетите Американски Држави.
Според судските документи, тој користел платформа со вештачка интелигенција за да истражува како да префрли околу 1 милион долари во Европската Унија, при што како крајна дестинација ја избрал Португалија.
Истражителите откриле дека веќе издал полномошно на адвокати во Лисабон за обезбедување даночен идентификациски број, а резервирал и семејно патување за септември.
Јарок, исто така, прекршил повеќе безбедносни протоколи со тоа што претходно годинава не пријавил патувања во Германија и Гренада.
Случајот почнал да се разоткрива на 29 јули, кога агентот се сретнал со вработен во Министерството за правда на САД и ги признал своите постапки, наведувајќи дека чувството на срам „го измачувало одвнатре“.
По претресот на неговиот дом во Ашберн, во американската сојузна држава Вирџинија, Јарок доброволно вратил криптовалути во вредност од 925.426,07 долари на дигитални паричници под контрола на Владата.
Против него е подигнато федерално обвинение за меѓудржавен транспорт и примање украдена сопственост.
Јарок бил ставен на административно отсуство на 29 јули, а ФБИ му го прекинало работниот однос на 31 јули.