Necva Taştan Sevinç
03 Јули 2026•Ажурирано: 03 Јули 2026
Неколку неидентификувани беспилотни летала биле забележани како групно летаат над швајцарски воен објект, што поттикна нови повици за зајакнување на мерките за противвоздушна одбрана, објавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.
Бенедикт Рос, началник на Швајцарските вооружени сили, го потврди инцидентот за време на брифинг со единиците на воената резерва во касарната во Берн минатиот викенд, пренесе „Свисинфо“.
„Операторот ме извести за прелети на беспилотни летала над нивната локација. Не станува збор само за еден, туку за неколку беспилотни летала кои летале во координиран групен лет“, изјави Рос.
„Ова веќе не е само шега. Потребно е значително техничко знаење и обученост за да се насочи групен лет на беспилотни летала над стратегиски важен објект“, додаде тој.
Армијата одби да ја открие локацијата на инцидентот од безбедносни причини, но потврди дека се работи за воен објект.
„Армијата сè почесто детектира прелети на беспилотни летала во близина на војници и воена инфраструктура“, соопштија оттаму.
Швајцарските власти сè уште немаат идентификувано кој стои зад инцидентот.
Според наводите, сомнителните активности со беспилотни летала се зголемуваат низ Европа во последните месеци, со забележани неидентификувани летала во близина на аеродроми, нуклеарни централи и воени бази. Експертите се сомневаат дека некои од овие инциденти би можеле да бидат поврзани со хибридно војување.
Швајцарските пратеници од целиот политички спектар го оценија инцидентот како сериозен и повикаа на порешителна акција.
Андреа Гмур, сенаторка од партијата Центар, рече дека инцидентот треба да се сфати „многу сериозно“, опишувајќи го како координирана акција слична на случаите забележани во други земји.
Франциска Рот, сенаторка од Социјалдемократската партија, исто така повика на инвестиции во капацитети за одбрана од беспилотни летала, истакнувајќи дека средствата треба да се насочат „таму каде што заканата е најголема“.
Рос порача дека Швајцарија мора да ја преиспита заштитата на клучната инфраструктура, предупредувајќи дека традиционалните безбедносни мерки повеќе не се доволни.
„Порано мислевме дека ако имаме неколку стражари, никој не може да влезе. Но, денес ситуацијата е сосема поинаква“, рече тој.
Од Армијата соопштија дека беспилотните летала сега систематски се евидентираат, додека властите разгледуваат воведување на зона на забранети летови над засегнатиот објект.