Ekipa
18 Мај 2021•Ажурирај: 19 Мај 2021
ЖЕНЕВА (АА) - Обединетите нации (ОН) соопштија дека најмалку 52.000 лица се раселени во Појасот Газа поради израелските напади на тоа подрачје, јавува Агенција Анадолија (АА).
Јенс Лерке, портпаролот на женевскиот Кабинет за координација на хуманитарните работи (OCHA), за АА изјави дека бројот на раселени надминал 52.000 од почетокот на муслиманскиот месец на постот Рамазан.
„Имаме сè поголем број луѓе кои засолниште наоѓаат во нашите училишта. Од утринава во училиштата на Агенцијата за помош и работа на ОН - УНРВА има 47.000 лица. Вкупно повеќе од 52.000 интерно раселени лица“, изјави Лерке.
Лерке додаде дека OCHA ја поздравила одлуката на израелските власти за отворање на преминот „Керем Шалом“ за клучните хуманитарни залихи.
„Клучно е преминот Ерез да се отвори за влез и излез на критичниот хуманитарен персонал“, додаде Лерке.
Портпаролот на ОН изјави дека снабдувањето со електрична енергија низ Газа и понатаму се ограничува на шест до осум часа дневно во просек поради оштетување на напојните далноводи и мрежи.
„Тоа го нарушува пружањето на здравствена заштита и други основни услуги, вклучувајќи го водоснабдувањето, хигиената и санитарните услови“, изјави Лерке.
Тој изјави дека се оштетени шест болници и девет центри за примарна здравствена заштита, при што еден центар претрпел сериозна штета, а една болница не е во функција.