Islam Uddin
05 Мај 2026•Ажурирај: 05 Мај 2026
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф денес најостро ги осуди нападите со ракети и беспилотни летала врз Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изрази целосна солидарност со претседателот шеик Мохамед бин Зајед ал Нахјан, јавува Анадолу.
„Пакистан стои цврсто со нашите браќа и сестри од емиратите, како и со Владата на Обединетите Арапски Емирати во овој тежок момент“, напиша Шариф на американската компанија за социјални медиуми Х.
„Апсолутно е неопходно прекинот на огнот да се одржи и почитува, за да се овозможи потребниот дипломатски простор за дијалог што води до траен мир и стабилност во регионот“, додаде тој.
Неговата изјава дојде откако ОАЕ известија за обновени ирански напади со ракети и беспилотни летала, што ги означува првите вакви инциденти откако прекинот на огнот меѓу Иран и САД стапи на сила на 8 април.
ОАЕ претходно известија за четврти бран напади со ракети и беспилотни летала лансирани од Иран, наведувајќи дека нивните системи за воздушна одбрана пресретнале 15 ракети и четири беспилотни летала.
Пожар избувна и во индустриската зона за нафта Фуџајра, клучен енергетски центар на источниот брег на ОАЕ, откако беше погодена од беспилотно летало лансирано од Иран.
Официјални лица во Фуџајра соопштија дека тројца индиски државјани се повредени и пренесени во болница на лекување.
Регионалните тензии ескалираа откако САД и Израел изапочнаа напади врз Иран на 28 февруари, предизвикувајќи одмазда од Техеран кон Израел, како и кон сојузниците на САД во Персискиот Залив, заедно со затворање на Ормускиот Теснец.
Прекинот на огнот стапи на сила на 8 април преку посредување на Пакистан, но преговорите во Исламабад не успеаја да доведат до траен договор. Прекинот на огнот подоцна беше продолжен од страна на американскиот претседател Доналд Трамп без утврден рок.