Ekipa
11 Декември 2020•Ажурирај: 11 Декември 2020
ГАЗА (АА) - Палестинските организации и движења во Газа, вклучувајќи ги Хамас, Исламски џихад и Народниот фронт за ослободување на Палестина, ја осудија најавата на Договорот на Мароко за нормализација на односите со Израел, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ова е политички грев кој сигурно не му служи на палестинското прашање, но затоа додатно ја поттикнува израелската окупација да продолжи да ги игнорира правата на нашиот народ“, изјави портпаролот на Хамас, Хазем Касем.
Тој додаде дека таквите договори за нормализација додатно ќе ја интензивираат израелската агресивна политика кон палестинскиот народ, како и активностите на населување на палестинската територија.
Портпаролот на Исламски џихад, Давуд Шехаб, за АА изјави дека одлуката на Мароко претставува „предавство за Ерусалим и Палестина“, додавајќи дека мароканскиот народ ќе ја одбие нормализацијата на односите со Израел.
Народниот фронт за ослободување на Палестина објави дека најавата на Мароканско-израелскиот договор за нормализација претставува „црн ден во историјата на нашиот народ и нашата арапска нација“.
Уште се додава дека арапските народи и понатаму одлучно ги отфрлаат сите чекори на нормализација со Израел и дека и понатаму ќе се спротивставуваат на израелската окупација.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го поздрави Договорот за нормализација со Мароко со посредство на САД, опишувајќи го како уште едно големо светло на мирот, пофалувајќи ја одлуката на мароканскиот крал Мухамед VI како „историска“.
Доналд Трамп, претседателот на САД, вчера објави дека Израел и Мароко постигнале договор за потполни дипломатски односи, нарекувајќи го Договорот „огромно постигнување за мир на Блискиот Исток“.
„Уште едно историско достигнување денеска. Нашите два големи пријатели Израел и Кралството Мароко, постигнаа договор за потполни дипломатски односи - огромно постигнување за мир на Блискиот Исток“, напиша Трамп на Твитер.
Мароко стана четврта земја која ги нормализира односите со Тел Авив, откако Судан прогласи официјална нормализација на односите со Израел во октомври.
Бахреин и Обединетите Арапски Емирати во септември постигнаа договор за нормализација на односите со Израел, а потпишувањето на Договорот е одржано во Белата куќа.
Договорите предизвикаа огромно негодување кај Палестинците кои тврдат дека овие договори ги игнорираат нивните права и не служат на палестинското прашање.