Riyaz Khaliq Khaliq
06 Мај 2026•Ажурирај: 06 Мај 2026
Кина денес изрази поддршка за Иран во екот на конфликтот со САД, додека Пекинг се подготвува да го пречека американскиот претседател Доналд Трамп следната недела, јавува Анадолу.
„Кина го поддржува Иран во зачувувањето на неговиот национален суверенитет и безбедност и ја цени подготвеноста на Иран да бара политичко решение преку дипломатски канали“, му кажа министерот за надворешни работи Ванг Ји на иранскиот колега Абас Арагчи на средбата во Пекинг.
Тој додаде дека целосниот прекин на непријателствата „е императив“, додека обновувањето на конфликтот „е неприфатливо, а водењето преговори е особено важно“, се наведува во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи.
Арагчи пристигна во Пекинг на покана на Кина на нивните први директни преговори откако САД и Израел започнаа војна со Иран на 28 февруари.
Трамп треба да ја посети Кина на 14 и 15 мај, според Белата куќа, додека кинеското Министерство за надворешни работи денес соопшти дека продолжува да комуницира со Вашингтон за државната посета, која беше одложена поради војната во Иран.
Средбата во Пекинг се случува во време на тензии во Ормускиот Теснец, кој останува практично блокиран од американската армија, како и од Иран, што влијаеше врз глобалното снабдување со енергија.
„Што се однесува до Ормускиот Теснец, меѓународната заедница споделува заедничка загриженост за воспоставување нормален и безбеден премин низ теснецот и Кина се надева дека вклучените страни брзо ќе одговорат на силните повици од меѓународната заедница“, му рече Ванг на Арагчи.
- Иранската нуклеарна програма -
Ванг ја пофали посветеноста на Иран дека „нема да развива“ нуклеарно оружје и изјави дека Кина дека му верува на Иран дека нивната нуклеарна програма нема воена цел.
Трамп инсистира на тоа дека Техеран не може да поседува нуклеарно оружје и се закани дека американските сили би можеле да го одземат збогатениот ураниум на Иран.
Сепак, Ванг ги повика земјите од Персискиот Залив и Блискиот Исток „да ја преземат својата судбина во свои раце“, охрабрувајќи го дијалогот меѓу Иран и заливските нации за „постигнување добрососедство и пријателство“.
„Кина ги поддржува регионалните земји во воспоставувањето на мирот и на безбедносната архитектура со заедничко учество, зачувување на заедничките интереси и постигнување заеднички развој“, рече Ванг.
Во услови на застој во преговорите меѓу Иран и САД, Арагчи во изминатите денови ги посети Пакистан, Оман и Русија.
На 28 февруари САД и Израел ја започнаа својата војна против Техеран, при што загинаа над 3.300 луѓе во Иран, а десетиците илјади се раселени.
Најмалку 13 американски војници загинаа, десетици се повредени за време на конфликтот, додека Иран возврати со напади врз американските бази и други капацитети низ Блискиот Исток.