Faisal Mahmud
10 Август 2026•Ажурирано: 10 Август 2026
Шумскиот пожар на и околу планината Бромо во индонезиската провинција Источна Јава денес гори осми ден, а властите се борат со повторното разгорување на огнот, при што досега се опожарени 520 хектари земјиште, јавува Анадолу.
Последно разгорување е регистрирано во Пунчак 30 во областа Сумбер, во округот Проболинго, во националниот парк „Бромо Тенгер Семеру“, објави „Џакарта глоуб“.
Оемар Сјариф, раководител на Агенцијата за ублажување на последиците од катастрофи на Проболинго, изјави дека утринава значително се проширило жариште што претходно било мало и зафатени се шумата и околната вегетација.
Екипите за гаснење пожар спроведуваат копнени и воздушни операции за ставање на огнот под контрола и спречување да се шири.
Три хеликоптери се ангажирани во операциите за гаснење со вода, особено над подрачјата до кои копнените екипи тешко може да дојдат поради непристапниот терен. Пожарникарите користат и цистерни со вода и дронови за распрскување вода.
Властите соопштија дека утринава пожарите сè уште биле активни на две главни локации – Пунчак 30 во Проболинго и Денгклeк во округот Пасуруан.
Министерот за шумарство Раја Џули Антони изјави дека операциите за гаснење со вода ќе продолжат сè додека пожарот не биде целосно изгаснат, при што еден хеликоптер, доколку дозволуваат временските услови, може да изврши до 30 испуштања вода дневно.
Пожарникарите ги следат и местата каде што сè уште тлее огнот за да спречат повторно разгорување на пламените јазици.