Dilara Hamit
17 Август 2026•Ажурирано: 17 Август 2026
Единствена верзија на првиот целосно електричен автомобил на Ферари е продадена за 40 милиони долари на хуманитарна аукција, поставувајќи рекорд за нов автомобил продаден на аукција, пренесува Анадолу.
Специјално изработениот ферари луче „Тејлор мејд“ од 2026 година беше продаден од „РМ Сотбис“ за време на Неделата на автомобили во Монтереј во Калифорнија.
Познат како „Шасија 0“, автомобилот е првата производна шасија од програмата „Ферари луче“ и беше специјално конфигуриран преку одделот за персонализација „Тејлор мејд“ на италијанскиот производител.
„РМ Сотбис“ соопшти дека продажбата за 40 милиони долари го направила „луче“ најскапиот нов автомобил некогаш продаден на аукција.
Тој го надмина претходниот рекорд од 26 милиони долари, поставен од уникатниот ферари дајтона СП3 „Тејлор мејд“ продаден на истата аукција во 2025 година.
Ферари ќе ги донира сите приходи за образовни иницијативи преку фондацијата Ферари. Аукциската куќа исто така се откажа од провизијата од купувачот за продажбата.
Идентитетот на купувачот не беше откриен.
Автомобилот има специјално развиена полусјајна бисерна надворешност која, зависно од светлината, создава зелени до виолетови одблесоци, како и метална кожена внатрешност, специјално изработени тркала и специјално дизајнирани клешти на сопирачките.
По аукцијата, автомобилот ќе биде вратен во седиштето на Ферари во Маранело, Италија, пред да му биде испорачан на неговиот нов сопственик во првиот квартал од 2027 година.
Претставен во мај, „луче“ е првиот целосно електричен модел на Ферари и претставува големо отстапување од традиционалните спортски автомобили на компанијата со мотори со внатрешно согорување.
Автомобилот со четири врати и пет седишта го придвижуваат четири електромотори со вкупна моќност од 1.050 коњски сили и има автономија од повеќе од 530 километри, според Ферари.
Може да забрза од 0 до 100 километри на час за 2,5 секунди и има максимална брзина поголема од 310 километри на час. Неговиот дизајн е развиен во соработка со „Лавфром“, креативното студио основано од поранешниот директор за дизајн на „Епл“, Џони Ајв, и дизајнерот Марк Њусон.