Barış Seçkin
21 Јули 2022•Ажурирај: 22 Јули 2022
РИМ (АА) – Премиерот на Италија, Марио Драги, поднесе оставка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Драги утринава се сретна со претседателот на Италија, Серџо Матарела, за да му ја предаде својата оставка откако трите партии од коалицијата што тој ја предводеше, вчера не ја поддржаа неговата влада во Парламентот.
По средбата во Претседателската палата „Квиринал“, Уго Зампети, генералниот секретар на претседателот, изјави:
„Претседателот Серџо Матарела ова утро го прими премиерот Марио Драги. Откако премиерот го информира претседателот за вчерашните средби и гласањето во Парламентот, ја повторно ја достави својата оставка и оставката на Владата со која претседаваше. Претседателот го зеде тоа предвид и додаде дека Владата ќе остане на функција за да ги извршува актуелните работи.“
– Се чека на одлуката што ќе ја донесе претседателот Матарела –
Откако ја прими оставката на премиерот Драги, погледите се свртеа кон претседателот Матарела и одлуката што ќе ја донесе во врска со разрешувањето на владината криза во Италија.
Според соопштението што го објави Претседателството, Матарела попладнево ќе одржи консултации со шефот на Сенатот, горниот дом на италијанскиот Парламент, и шефот на Претставничкиот дом, долниот дом на Парламентот.
Според вестите објавени во италијанските медиуми, Матарела би можел да го распушти Парламентот и очекуваните избори закажани за првите месеци од 2023 година да ги премести за оваа есен.
Меѓу сценаријата со мала веројатност е и опцијата дека претседателот Матарела би можел да изведе консултации за формирање нова влада за изборите да се одржат во закажаниот термин.
Марио Драги, функцијата претседател на широката коалициска Влада на Италија ја презеде на 13 февруари 2021 година, формирана како Влада на национално единство, во услови на здравствена и економска криза предизвикана од пандемијата на Ковид-19. Владата на Драги во Парламентот ја поддржуваа 10 политички партии.
Владата предводена од Драги е третата влада што падна пред истекот на мандатот.
Премиерот Драги при гласањето за довербата на неговата влада во Парламентот што се одржа вчера, не ја доби поддршката од клучните партии во владината коалиција.
Во текот на бурната расправа во Сенатот се покажа дека десничарската Лига и Форца Италија на Силвио Берлускони не сакаат да останат во Владата со партијата Движење 5 ѕвезди која ја предизвика кризата. Овие три партии не учествуваа во гласањето.