Islam Uddin,Riyaz Khaliq Khaliq
21 Октомври 2025•Ажурирај: 22 Октомври 2025
ИСЛАМАБАД/ИСТАНБУЛ (АА) – Претседателката на владејачката Либерално-демократска партија (ЛДП) на Јапонија, Санае Такаичи, денес обезбеди победа во двата дома на двокоморниот Парламент и стана првата жена премиер во историјата на земјата, јавува Анадолу.
Такаичи стана 104-тиот премиер на Јапонија.
Првото гласање во Долниот дом започна во 13:08 часот по локално време, а беше пренесувано во живо на државната телевизија НХК.
Такаичи освои 237 гласа во Долниот дом, обезбедувајќи доволна поддршка со помош на коалициониот партнер – Јапонската иновациска партија (ЈИП) – како и неколку независни пратеници.
За избор на премиер потребни се најмалку 233 гласа во Долниот дом, кој брои 465 пратеници.
Изборот потоа продолжи и во Горниот дом, каде што Такаичи обезбеди најмалку 125 гласа, победувајќи го нејзиниот главен противкандидат Јошихико Нода, лидер на најголемата опозициска партија – Уставно-демократската партија на Јапонија.
Горниот дом брои 246 пратеници.
Такаичи беше избрана за време на 219-тата вонредна седница на Парламентот, познат во Јапонија како Диет.
Веднаш по изборот, Такаичи треба да го објави составот на новиот Кабинет.
Се очекува Шинџиро Коизуми да биде назначен за министер за одбрана, Тошимицу Мотеги за министер за надворешни работи, а Јошимаса Хајаши да го преземе ресорот за внатрешни работи.
Поранешниот премиер Шигеру Ишиба и неговиот кабинет претходно во текот на денот поднесоа оставка, отворајќи пат за избор на новиот лидер.
Ишиба минатиот месец поднесе оставка поради силен притисок и критики од редовите на ЛДП поради низа изборни порази. Такаичи беше избрана за прва жена претседател на ЛДП на почетокот на овој месец.
Оставката на Ишиба следуваше по губењето на мнозинството од страна на ЛДП - коалицијата на изборите за Горниот дом на 20 јули, што беше втор последователен пораз по оној на изборите за Долниот дом во октомври 2024 година.
Ишиба стана четвртиот јапонски премиер што поднел оставка во последните пет години, по Шинзо Абе, Јошихиде Суга и Фумио Кишида.
Либерално-демократската партија владее со Јапонија речиси непрекинато, со исклучок на шест години, од своето постоење.